АКТИВИЗАМ (МИРОВЕН, ДЕТСКИ ПРАВА, СОЦИЈАЛЕН, ЕКО...)

Детската амбасада Меѓаши низ годините постојано е активна на повеќе полиња во кои се засегнати децата и нивните права, организирајќи активности и поддржувајќи иницијативи вон нашите тековни програми и проекти. Активизмот на Детската амбасада МЕЃАШИ го препознаваме преку плејада на активности, проектни и вонпроектни. Во овој контекст ќе збориме за ,,вонпроектниот“ активизам. Значи, да појасниме, во Детската амбасада МЕЃАШИ полето на активизмот го развиваме преку два канали: едниот е преку проектите кои ни се обезбедени финансиски и другиот е преку активизам кој воедно стана модус операнди на Меѓаши и кој се одвива на волонтерска основа, преку активности кои не се проектно покриени а се многу важни и не можеме да ги заобиколиме бидејќи ни се дел од нашата мисија и вредносен систем како организација и како тим. Заедничко им е што и двата пристапи се водени од поривот да се направи социјална промена и да се овозможи визијата на Меѓаши за Поправеден свет за децата.

Активизмот меѓу другото значи дека Меѓаши е организација која знае што сака да постигне и дека воедно има желба да го реализира процесот кој ќе води до посакуваната промена. На тој начин, активизмот претставува алатка со која директно влијаеме и на личниот развој и на развојот на заедницата. Активизмот за една граѓанска организација каква што е Детската амбасада МЕЃАШИ уште од самиот почеток бараше организациски промени и тоа е процес кој се уште трае, се редефинираат плановите, приоритетите и целите, се дополнуваат програмите и активностите, насоките и стратегиите. Воедно активизмот (ни) овозможува свесност/увид или развивање на свеста за различните форми на насилство, дискриминацијата и неправдата, како и охрабрување за преземање активна улога во заедницата и зајакнување на опшествената одговорност, промоција на ненасилството. Исто така активизмот (ни) овозможува дружење, запознавање нови луѓе, патување, стенување нови знаења (за детско младинскиот развој, за одржливиот развој, детските права, еднаквоста...) и искуства/вештини (комуникација, тимска работа...).

Детската амбасада МЕЃАШИ уште од самите почетоци беше свесна дека активизмот (мировниот активизам, активизмот за детските права, еко активизмот...) претставува исклучително важна компонента за постигнување промени во општеството. Меѓаши не беше проект туку граѓанска иницијатива за општествена промена. Всушност самото оформување на организацијата беше израз на општествената потреба во тој момент: да се засолнат децата погодени од војната во БиХ. Во тој период, пред 31 година, беше сосема невообичаено да се даде апел на националната ТВ (во тоа време единствен медиум) од страна на граѓанка и со тоа да се предизвика широка општествена акција за поддршка на децата бегалци. Секако тоа не помина неказнето (губење на работно место, пресија и закани како и јавен медиумски линч) од страна на актуелните властодршци (активизмот бара општествена промена што многу често не е во прилог на властите и затоа тие реагираат на различни репресивни начини).

Имајќи го предвид сѐ поголемиот број деца жртви на сексуална злоупотреба и педофилија, Меѓаши презема долгогодишни активности за зголемување на казните вклучувајќи и доживотна казна затвор за злоставувачите како и задолжителна хемиска кастрација после првото кривично дело за полов напад врз дете, за да се избегне повторување на делото. Напорите вродија со плод, казните за педофилите се зголемија но нивната примена сѐ уште не е на задоволително ниво!

Ниту едно право не може во целост да биде остварено доколку животната средина во која растат и се развиваат децата е нарушена и остава тешки последици врз развојот. Оттаму, Детската амбасада Меѓаши е и „еколошки активист“, сојузник и поддржувач на еколошки движења. Така, вработени и членови на Меѓаши се во првите линии во многу еколошки акции, поддржувајќи глобални и локални движења, протести и акции. Во текот на 2019 година, ги поддржавме младите во нивното вклучување на глобалниот движење Fridays for Future, излегувајќи со нив на маршевите организирани во петоците. Го формиравме Движењето ,,За чист воздух“ и заедно со група активисти реализиравме активности за подигање на свеста за влијанието на загадениот воздух пред се’ врз здравјето на децата, како на пр.протест пред цементарницата Усје бидејќи беше доведено (е) во опасност правото на живот на децата, кое е загарантирано со Конвенцијата за правата на детето и со Уставот.

Здравјето и образованието се најзначајните области за развојот на децата. Во текот на пандемијата и двете области беа критички засегнати и многу прашања се отворија – дали се маските доволни да ги заштитат децата за време на пандемијата, дали наставата од дома (онлајн) е најдобриот начин за остварување на правото на образование на сите деца во време на пандемија? Организиравме дебати на кои со стручни лица, родители и други чинители ги отворивме овие прашања и ги разгледавме од повеќе страни.

Повеќе од 10 години Детската амбасада Меѓаши раководеше со Дневен центар за деца кои не одат на училиште во кој годишно беа згрижени над 35 деца кои имаа можност да изградат хигиенски навики, да добијат чиста облека, ужина и да присуствуваат на работилници за развој на социјални вештини и интерактини работилници преку игра и забава. На почетокот овој Дневен центар беше поддржуван од Министерството за труд и социјална политика а потоа поддршката прекина и истиот се одржуваше преку донации и волонтерска работа. 

Во 2016 година, по поплавата во Скопје и Скопско, во основното училиште ,,Кирил и Методиј” во с. Стајковци, Детската амбада Меѓаши и ЈЗУ Универзитетската клиника за дерматологија отворија медицински пункт каде за децата се обавуваа прегледи и медицинска заштита. Волонтер(к)ите континуирано носеа помош, разговараа со родителите, баравме евакуација, алармиравме, обезбедувавме медицински екипи, правевме списоци на деца и ги повикувавме на преглед кај педијатри, сѐ со цел да влијаеме превентивно, да не се случи епидемија или уште други страдања, особено кај децата.

Детската амбасада и нејзините волонтери во текот на 2016 година, за време на војната во Сирија спроведуваше разни хуманитарни активности вклучувајќи и психо-социјална поддрша на децата бегалци во транзитниот центар „Табановце“.

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ ја поддржува иницијативата на ,,Клик акција“ за посвоените деца да имаат право да знаат кои им се биолошки родители а исто така и Иницијативата за заедничко и одговорно родителство и по развод ,,Децата пред сѐ“. Иницијативата се однесува на законски измени во насока на овозможување на родителство со полн капацитет на двата родители и по развод а со цел родителите еднакво да се грижат за детето. Надлежните судови, стручните тимови во центрите за социјална работа при оценување на доверување на детето на чување и воспитување, треба да тргнат од позиција дека двајцата родители треба заедно и непосредно да го извршуваат родителското право.